Македонската ракометна рапсодија продолжува

Црвено-жолтата ракометна рапсодија продолжува. Македонските ракометари вчера попладне пристигнаа во Вараждин каде ќе ги играат натпреварите од втората фаза на европскиот шампионат и ќе се судрат со екипите на Шпанија, Данска и Чешка.

Ракометната експедиција е сместена на 25 километри од Вараждин, во малото место Свети Мартин, кое има околу 2.500 жители.

Базата е хотелот Голфер каде се и останатите пет репрезентации кои ќе се натпреваруваат во овој град. Ракометарите имаат неколку дена одмор, да закрепнат од повредите и да се подготват за дуелите противниците.

Првиот тренинг е закажан за денеска попладне, во сала во местото Мурско Средишче, на десетина километри од базата бидејќи во арената на програма се два натпревари.

Арената во Вараждин е изградена во 2008 година за потребите на Светското првенство во ракомет кое се одржа наредната година во Хрватска и има капацитет од пет илјади гледачи.Македонската репрезентација не е првпат на паркетот во оваа арена. Во 2009 година тука настапуваше во рамките на групата Ц заедно со Германија, Алжир, Полска и Русија.

Најавената инвазија од македонски навивачи значи дека избраниците на Ел Команданте ќе имаат огромна поддршка речиси како да играат на домашен терен.

Вараждин се наоѓа во северозападна Хрватска на брегот на реката Драва, во непосредна близина на тромеѓето со Словенија и Унгарија и има околу 50 илјади жители. Капацитетите се веќе пополнети а македонските навивачи бараат место повеќе за претстојните натпревари.

Голем дел останаа во Загреб и секој натпревар ќе патуваат стотина километри до Вараждин.

Официјалните информации околу билетите за натпреварите на македонската репрезентација се менуваат од час во час. Вчера билети немаше, ниту на билетарата ниту он лајн, но денеска проструи информација дека мал број се сепак достапни.

Фан зоната е поставена во центарот на градот, на Капучинскиот плоштад каде што фановите ќе може да се загреваат пред натпреварот со пиво и музика. Мештаните велат дека во градот нема многу навивачи на другите репрезентации но и дека со нетрпение ги очекуваат македонските фанови за да ја подигнат атмосферата до вриење исто како и во Загреб.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ