Македонија со шест спортисти на Младинските Олимписки Игри во Буенос Аирес

На третите Младински Олимписки Игри, што годинава се одржуваат во Буенос Аирес, Македонија ќе ја претставуваат шест спортисти во шест различни спортови.

Доминираат претставниците од боречките спортови односно четворица. Во карате ќе не претставува Фахид Весели во кумите -61 килограм, Драган Велинов (борење), Хамза Хашари (џудо), Миа Крстевска (пливање 100 и 200 метри грбно), Берат Мустафа (атлетика 400 метри) и Ана Марија Георгиевска во (таеквондо), која ќе биде и знаменосец на свеченото отворање на Игрите.

Двајца од шесторицата спортисти се со обезбедени А норми, па и очекувањата се дека можат да дојдат до врвни резултати.

„Чест ми е што ќе настапувам на овие Олимписки игри и ќе го бранам моето знаме. Одам во Буенос Аирес да освојам медал“, изјави Ана-Марија Георгиевска, која воедно ќе биде и знаменосец на церемонијата на отворањето.

„Ние на сите спортисти им обезбедивме по 1.500 долари за подготовки изминативе три месеци и мислам дека сите се доволно добро подготвени за предизвикот. Други предвидувања не би искажувал. Лично би кажал дека имаме тројца спортисти со врвни резултати и секако дека повторно би очекувал голем резултат од нив“, вели Владимир Богоевски, директорот на МОК.

Македонската експедиција која ќе брои вкупно 13 членови утре заминува за Буеонос Аирес. Отворањето на Игрите е на 6 октомври, а натпреварите ќе траат до 18 октомври.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ