
Македонија реди победи: Падна и Швајцарија на ЕХФ шампионатот
Македонската ракометна репрезентација до 18 години го освои првото место во својата група на ЕХФ шампионатот во Грузија откако денеска славеше победа и против најголемиот ривал Швајцарија.
Момците на селекторот Данило Брестовац уште вчера го обезбедија пласманот во полуфиналето со победата над Фарски Острови, но денеска благодарение на триумфот од 32-31 стигнаа и до првото место во групата со четири победи од исто толку натпревари.
Македонија имаше највисоки 13-7 во првото полувреме, но на пауза замина со предност од 15-12. Нашите момчиња имаа и сигурни 21-16 во вториот дел, но следуваше огромен пад во играта, а Швајцарија благодарение на серијата од 7-0 дојде до водство.
Се разбудивме повторно во последните десетина минути, кога водевме, но се играше гол за гол. Нашите ракометари во нервозниот финиш знаеја како да го задржат минималното водство за конечни 32-31.
Мартин Серафимов беше најефикасен со 10 гола, по пет постигнаа Каковски и пивотот Симоновски, кој беше прогласен и за играч на натпреварот.
Утре е слободен ден, а во четврток играме против аутсајдерот Естонија, натпревар кој ќе биде без резултатско значење.