Македонија против Гибралтар за прво место во групата

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20 часот и 45 минути против селекцијата на Гибралтар ќе го одигра последниот натпревар во фазата по групи од Лигата на нации.

На нашиот состав потребна му е победа за да го потврди првото место во групата и полуфиналето од разигрувањето за пласман на Европското првенство да игра на домашен терен.

Во составот се враќаат Езџан Алиоски и Елиф Елмас кои дуелот со Лихтенштајн го пропуштија поради жолти картони, а селекторот Игор Ангеловски на располагање го има и Аријан Адеми, кој пред мечот во Вадуц имаше здравствени проблеми.

За жал вечерва во тимот ќе недостасува капитенот Горан Пандев, тој во претходниот натпревар со Лихтенштајн заработи жолт картон и ќе мора да паузира еден натпревар, а шансата да го одигра 100-от натпревар во националниот тим ќе ја има на пролет во квалификациите за Европскиот шампионат.

Македонија е фаворит во соочувањето Гибралтар, но тоа мора да се потврди и на теренот. Триумфот ни е потребен за потврда на првата позиција на табелата што ни носи пласман во повисок ранг во Лигата на нации, но и предност на домашниот терен во разигрувањето за настап на континенталното првенство.

Натпреварот се игра на арената Филип Втори, почнува во 20 часот и 45 минути, а цената на билетите е 100 и 150 денари.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ