Македонија може и мора подобро

Победата против Турција брзо ќе се заборави, а бодовите ќе останат. Македонската ракометна репрезентација славеше со 31-27 во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство.

Не импресиониравме со она што го прикажавме на теренот во Битола, но сепак на рутина ја запишавме победата. Турција е далеку од квалитетен ривал, кој би можел да ни создава проблеми, па затоа само Македонија се прашуваше на теренот. Имавме и блесоци, но и големи падови и многу грешки.

Во еден момент дојдовме и до највисоката предност од +8 во второто полувреме, па како да дојде до опуштање кај избраниците на Раул Гонзалес и следуваше игра со брозплети акции и многу технички грешки.

Ракометарите по натпреварот беа самокритични, свесни дека не одиграа на нивното вообичаено ниво, ветија подобра игра веќе на следниот натпревар со Грција на гостински терен. Ова е ривал, кој е тотален аутсајдер во групата, а на првиот натпревар загуби на гости кај Исланд со 35-21.

Сепак, не смееме да го потцениме нашиот јужен сосед за да не си направиме проблеми кон конечната цел, а тоа е освојување на првото место во групата и секако пласманот на Европското првенство во 2020 година. Натпреварот помеѓу Грција и Македонија во недела од 16 часот ќе го следите повторно со директен преност на Телевизија Телма.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ