МАКЕДОНИЈА ФАВОРИТ ПРОТИВ СЛОВАЧКА

Македонската кошаркарска репрезентација добро чекори во претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2021 година. Враќањето на старите патеки е се уште многу далечно, но двете победи во двата натпревари во претквалификациите покажуваат дека Македонија има квалитет за многу повеќе. Во недела во Скопје доаѓа селекцијата на Словачка, која веќе ја совладавме на гостински терен со 74-66.

„Не очекува натпревар во кој нема што да калкулираме. Одиме на победа, победивме во Попрад, се надевам дека ќе победиме и в недела. Треба да одиграме максимално, но желбата е само триумф. Противникот има солидна екипа, со екстра-играч Курич кој е извонреден шутер. Го имаат уште Седма, кој е искусен и малку постар, но сепак може да помогне. Тука е и тренер кој доаѓа од екс-Ју просторите. Но, што и да е, мислам дека по победата во Словачка треба повторно да победиме. Одиме чекор по чекор, одигравме два добри меча во ноември и се надевам дека ќе се вратиме таму кадешто ни е местото. Има место за простор за напредок во нападот. Играчите веќе ја препознаваат мојата филозофија на игра. Со Швајцарија беше малку стегнато, имаше притисок, но сега мислам дека ситуацијата ќе биде поинаква. Сите 16 играчи се појавија на првиот собир, на овие тренинзи што ги имавме досега работат солидно. Тоа е и очекувано, затоа што се наоѓаат во топ-форма. Имаме мал проблем со Димитријевиќ кој е повреден. Се мачи со повреда на препоната. Синоќа не тренираше, се наоѓа на лекарски прегледи“-изјава Јорданчо Давитков, селектор на Македонија.

Словачка не е за потценување, но вчера оваа репрезентација загуби на гостувањето кај Швајцарија со 83-80 по продолженијата. Младиот Ненад Димитријевиќ има проблем со повреда на препоните и е неизвесен за настап, додека Ричард Хендрикс, кој се мачеше со болестр тренира со полна пареа и ќе биде дел од тимот. Приоритет на Македонија е да ги мине претквалификациите со сите победи, а триумф во недела ќе значи и чекор до зацртаната цел.Натпреварот ќе се одигра в недела (25. февруари) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20.15.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ