
Лопетеги доби отказ, Иеро е нов селектор на Шпанија
Шпанската фудбалска федерација му врачи отказ на селекторот Хулен Лопетеги на само еден ден до почетокот на Светското првенство во Русија.
Челниците на шпанскиот фудбал се решија на ваков потег, бидејќи Лопетеги вчера потпиша договор со Реал Мадрид, да го наследи Зинедин Зидан на клупата на европскиот првак.
Претседателот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис Рубиалес вели дека бил приморан на вакво нешто, откако федерацијата не била известена за преговорите помеѓу селекторот и Реал Мадрид.
Лопетеги седна на клупата на Шпанија во јули 2016 година и за овој период ја предводеше репрезентацијата до 14 победи, шест ремија и не доживеа ниту еден пораз. „Црвената фурија“ за време на Светското првенство ќе ја води поранешниот капитен Фернандо Иеро.
Шпанија првиот натпревар на Мундијалот го игра во петок против Португалија.