Леброн Џејмс четири години во Лејкерс за 153 милиони долари

Лос Анџелес лејкерс преку ноќ станаа едни од кандидатите за шампионската титула во НБА-лигата, откако Леброн Џејмс потпиша четиригодишен договор.

Еден од најтрофејните тимови во историјата на лигата со 16 титули, изминативе пет сезони имаше негативен скор во лигата и не успеваше да дојде ниту близу до пласмано во плеј-офот, но сето тоа сега се менува со Џејмс во ростерот. Најдобриот кошаркар на денешницата по четири сезони по втор пат го напушти Кливленд и одлучи да преземе нов предизвик и за прв пат да се испроба во Западната конференција, каде конкуренцијата е далеку пожестока.

Џејмс за четирите години во таборот на Лејкерс ќе заработи 153 милиони долари. Главниот менаџер на тимот Меџик Џонсон работи на враќање на Лејкерс на врвот на НБА-лигата, а утринава уште двајца играчи потпишаа. Ветеранот Џавал Мекги доаѓа од Голден Стејт и Ленс Стивенсон од Индијана, двајцата потпишаа едногодишни договори.

Следен на листата на желби на Лејкерс е Каваи Ленард од Сан Антонио, а многу шпекулации го поврзуваат и Демаркус Казинс со трејд во редовите на Лејкерс.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ