
КОД: Израелски експерти во 2014-та проверувале дали некој друг прислушува, освен УБК
По летото и се почестите муабети и информации дека Заев има снимени прислушувани разговори направени од УБК, интересот на првите луѓе на УБК за израелската опрема расте.
Иако знаат дека прислушувањето се врши од УБК тие ги викаат израелците и нарачуваат снимање и скенирање на теренот во Скопје за да се утврди дека можеби некој друг прислушува.
Израелците во неколку наврати доаѓаат во Скопје, сместени се во хотели, а нивниот престој е евидентиран и во истрагите кои се водат за нелегалното прислушување. Нивната задача е да се движат низ Скопје и да проверуваат дали постојат сомнителни активности и зрачења кои укажуваат дека некој клонирал базни станици и врши масовно следење на комуникации.
Израелците главно се движеле низ центарот на Скопје, а возач им бил секогаш друг припадник на УБК. Во еден наврат дури ги возел Ѕвонко Костовски, инжинерот кој всушност ги произведе бомбите и ги изнесе од УБК каде што е вршено нелегалното снимање. Костовски бил возач на тие што требало да докажат дека неговото дело го извршиле странски служби.
Скенирањето на теренот се одвивало во октомври и ноември 2014-та. Користеле специјална опрема, но никој не знае како таква скапа, софистицирана шпионска опрема е внесена во државата.
Во царината нема никаков запис дека нешто такво е донесено во државата, иако законски таков трансфер треба да се заведе на царина како привремен увоз.
Но таква белешка во царината-нема. На своите крстосувања низ Скопје, израелскиот тим утврдил неколку локации каде имало зрачење и можност дека нелегално се снима преку клонирани базни станици.
Миомир Серафиновиќ