Клубовите гласаа само консултативно, УО на КФСМ ќе го има последниот збор

„Куќата на кошарката“ не донесе конечна одлука околу прогласување на шампион во Првата лига, бидејќи денешното гласање на клубовите од елитата било само консултативно.  Последниот збор околу тоа дали сезонава ќе има шампион или не ќе го има  управниот одбор на Кошаркарската федерација. Прволигашите беа едногласни по прашањето да се прекине сезоната.

Претседателот Перо Антиќ, вчера најави дека прволигашите ќе ја имаат конечната одлука по двата предлога, да се прогласи МЗТ Скопје за шампион оваа сезона (2019/2020) и да испаднатат последните два клуба на табелата или да нема шампион и да нема испаѓање од Првата лига.

Денешното гласање на клубовите испадна дека било само консултативно, односно предлог за Управниот одбор, кој пак ќе ја донесе конечната одлука

Преку видео-конференциска врска беше реализирано гласањето,  а четири клуба, Работнички, Гостивар, Вардар и Куманово гласаа да нема шампион сезонава, а со тоа да нема ниту испаѓање.

МЗТ Скопје,МЗТ Скопје 2 и ФМП Академија гласаа, „металците“ да бидат прогласени за шампиони и да испаднат последните две екипи на табелата. Воздражни беа три клуба, Еуро Никел, Кожув и Пелистер.

Прволигашите беа едногласни за едно прашање, а тоа е првенството целосно да се прекине. КФСМ наскоро треба да свика состанок на Управниот одбор, но истиот најверојатно ќе се одржи по завршувањето на првомајските празници.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ