
Кил по втор пат сезонава го преслуша Вардар со 11 голови разлика
Вардар го доживеа четвртиот пораз по ред во ракометната Лига на шампиони, откако денеска со убедливи 34-23 настрада на гостувањето кај Кил во првиот натпревар од 2020 година. Новиот тренер Стевче Алушовски не успеа да го препороди актуелниот европски првак за да направи изненадување кај лидерот во Групата Б.
„Црвено-црните“ се во низа од пет натпревари без триумф. Денеска Вардар имаше добри периоди, но многуте нереализирани зицери и голманот на противникот Никлас Ландин придонесоа за убедливиот пораз од 11 голови разлика, идентично како и на првата средба во Скопје.
Европскиот првак беше конкурентен во почетните минути додека беше 3-3, но потоа следуваше период од пет минути без постигнат гол, па Кил направи опиплива предност од +4 голови. Германците во два наврати имаа и највисоки шест голови предност, но на паузата резултатот гласеше 18-14. Составот на Алушовски беше во игра за поволен резултат до 42-та минута или 22-19, кога не реализираше неколку напади за -2. По серијата грешки во нападот, Кил одговори со серија од 5-0 и дојде до 27-19. Вардар врати со серија од 3-0, но тоа е се што направи, бидејќи бундеслигашот го заврши натпреварот со 7-1 за конечни 34-23.
Даинис Криштопанс со шест голови беше најдобар во нападот кај Вардар, Стојанче Стоилов постигна пет, додека Тимур Дибиров заврши со четири, но со очајна реализација. Кај Кил, Никлас Егберг постигна осум голови, додека шест реализираше Магнус Ландин, неговиот брат на голот Никлас, заврши со 15 интервенции.
По овој пораз, Вардар ќе остане на шестата позиција во групата Б со 9 бодови. Во следното коло на 12 февруари во „Јане Сандански“ гостува Мотор Запорожје.