Италијанците стартуваат со Купот, па потоа и со Серија А

Италијанскиот фудбал денеска исто така доби датум за рестарт. Натпреварите на Апенините ќе започнат на 13 јуни со Купот, а една недела подоцна ќе продолжи и Серија А.

Министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора денеска потврди дека фудбалот во земјата може да се врати. Првите официјални натпревари ќе бидат ренвашните во рамки на полуфиналето на купот во кои Јувентус го пречекува Милан, а Наполи Интер, кои се закажани за 13 јуни. Една недела подоцна, односно во сабота на 20 јуни ќе продолжат и натпреварите во Серија А, кога на програмата ќе биде 27.коло.

„Секогаш велев дека фудбалот ќе се врати, но само кога условите ќе го дозволат тоа. Италија се враќа на нозе, па редно е и фудбалот да го направи истото“, изјави министерот Спадафора.

Усвоен е медицинскиот протокол за фудбалот, па доколку еден фудбалер биде позитивен на Ковид-19 веднаш да биде изолиран на одреден период. Претходниот протокол наметнуваше изолирање на целиот тим, но Фудбалската федерација на Италија и властите најдоа компромис. Спадафора напомена дека во случај ситуацијата во земјата повторно да се влоши, односно да се зголеми бројот на позитивни на коронавирус и смртни случаи, тогаш фудбалот ќе биде повторно прекинат.

Во тој случај сезоната или би се завршила по пат на плеј-оф, а доколку и тоа не е возможно за конечниот пласман ќе биде земена предвид актуелната табела.
Моментално лидер е Јувентус со 63 бодови, еден повеќе од Лацио. На последните три позиции се Лече, СПАЛ и Бреша.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ