
Хрватска преку Црна Гора до првите бодови на ЕП
Во првиот настап на Европското првенство во ракомет, репрезентацијата на Хрватска ја совлада Црна Гора и со победа од 27:21 успеа да стигне до првите бодови.
Хрватите до победата стигнаа потешко од очекувањата, а отпорот на противникот го скршија во второто полувреме. Во првиот дел Црна Гора поведе со 3:1, а во продолжението се играше израмнето, а фаворитот во ниту еден момент немаше поголема предност од еден погодок.
На десетина минути пред крајот на првото полувреме избраниците на Лино Червар поведоа со 11:9, но набргу Црна Гора со серија од 3:0 го презема водството и на одмор замина со предност од 13:12.
Во продолжението предводникот на Хрватска реши да ја смени играта во одбраната и откако наместо 6-0 се реши за формација 5-1 следуваше пресврт.
Хрватите со серија 6:2 стигнаа до предност од пет погодоци, а како одминуваше времето таа се зголеми на осум и беше јасно дека фаворитот ќе стигне до почетен триумф од 27:21.
Најефикасен во редовите на Хрватска со шест гола беше Лука Циндриќ, Златко Хорват и Марино Мариќ постигнаа по четири додека голманот Марин Шего имаше скромни шест интервенции.
Во поразениот тим прв стрелец со шест погодоци беше Немања Грбовиќ, а голманот Небојша Симиќ впиша осум интервенции.