
Хан го поздрави договорот со Бугарија
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на својот твитер-профил, го поздрави ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија.
„Ратификацијата на македонскиот парламент на Договорот за пријателството со Бугарија е важен чекор во вистинската насока на патот кон ЕУ на земјата. Договорот, исто така, е репер за добрососедски односи во целиот регион на Западен Балкан“, напиша Хан.
Пратениците денеска на 30-тата собраниската седница со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во работата на Парламентот не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.