
Големи провизии и трошоци – банките не ги штедат граѓаните
Високите камати на кредитите не се единствените проблеми што ги мачат граѓаните кога мораат да користат банкарски услуги. Големите банкарски трошоци за обработка на кредитните барања, но и провизиите за се и сешто – плаќање сметки за комунални услуги, разни трансакции, дури и за увид од банкомат во состојба на сметка, ги револтираат корисниците, особено кога некој ќе им ја блокира сметката, па за деблокада банките им наплатуваат по околу 1.500 денари.
Еден граѓанин ни го покажа договорот за финансиски лизинг со една од банките, покрај големите други трошоци, тие за обработка на барањето тежат над 8 илјади денари.
Дека банките не ги штедат граѓаните и фирмите кога им земаат провизии говорат и податоците на Народна банка на Македонија. За девет месеци лани што е последен податок, од провизии инкасирале дури 53 милиони евра, повеќе од истиот период претходната година, тоа им е втор најголем приход после оној од каматите.
„Од Народна банка на Македонија објаснуваат дека наплатата на трошоци и провизии не подлежи на никакви регулаторни лимити, туку е прашање на деловната политика на секоја банка. Поконкретно, деловните банки, самостојно ги определуваат износите на провизиите за своите услуги“, велат од Народна банка.
Но активистите не се согласуваат дека на банките треба да им се остави сами да ги утврдуваат провизиите и трошоците. Здравко Савески вели дека нашите банки имаат акумулирана голема финансиска, дури и политичка моќ, која не е натрупана случајно. Затоа, на потег е државата.
„Според сегашната регулатива, точно е дека државата не може да им наметне на банките плафон за наплата на провизии, но ако е таква важечката регулатива, таа може да се промени, и Владата, ако има социјален сенс како што тврди, тоа треба да го направи, бидејќи банките, малку по малку ги осиромашуваат граѓаните“, вели Савески.
Од една од банките ни го изнесоа ставот за оваа тема, но не во свое име, туку генерално, велат дека провизиите и трошоците се реални, нив Банката ги прави во постапката на обработка на кредитното барање, но и натамошно сервисирање на кредитот.
„Активностите на Банката не завршуваат со одобрување на кредитниот пласман. Во текот на целиот животен циклус на кредитниот продукт Банката има низа активности кои се однесуваат на следење и управување со кредитната изложеност – подготовка на податоци и правење анализи за работењето, наплата на побарувањето, чување на документацијата, и тековно користење на кредитната документација“, велат банкарите.
Додаваат дека провизиите се општо прифатени насекаде во развиениот свет.
НБМ потврдува дека согласно одредбите од Законот за заштита на потрошувачите, при договорите за потрошувачки кредити, таа е надлежен орган за примената на овој Закон од банките и штедилниците.
„Овој Закон има цел да го подигне нивото на транспарентност на кредитирањето на банките. Трошоците кои се наплатуваат при одобрувањето на кредитите и при нивното сервисирање треба да бидат утврдени во договорот за кредит склучен со клиентот, како и да бидат изразени во годишната стапка на вкупните трошоци на кредитот“, велат од Централната банка.
Од монетарната власт потенцираат дека од аспект на договорното право, субјектите во правниот промет се слободни во своите договори да ги уредуваат должничко-доверителските односи, кои можат да вклучат плаќање камати и надоместоци. За неоснована наплата на парично побарување, секоја договорна страна може да побара соодветна правна заштита на своите права и интереси.
Но активистите не се согласуваат дека само транспарентноста е доволна.
„Тоа е мала работа, само кажуваат дека во договорите треба да бидат наведени одредени ставки, обично и граѓаните не ги ни гледаат тие ставки и таа транспарентност недоволно им значи, она што на граѓаните ќе им значи е утврдување на горна граница. Има регулирани цени во Македонија, тоа не е баук, лебот и горивата, може и ова“, вели Здравко Савески.
Тој апелира и организациите за заштите на потрошувачите повеќе да ги информираат граѓаните, но и тие да отворат очи за сите невидливи трошоци што им ги наметнуваат банките.
Во соседна Србија неодамна сусдскиот систем застана контра банкарските трошоци. По Основниот, и Апелацискиот суд во Белград донел правосилна одлука со која на една банка ѝ налага да му исплати на тужителот близу 4 илјади швајцарски франци, и тоа со камата од 2006, поради наплатени трошоци за обработка на кредитот.
Од Народна банка на ова велат дека овде станува збор за судска пресуда, и тоа во друга држава. НБМ никогаш до сега нема коментирано судски одлуки, а кон таквата практика ќе се придржува и во иднина.
Нина Нинеска-Фиданоска