Фудбалските прволигаши почнаа со тренинзи и тестирање за Ковид-19

Дел од македонските прволигаши вчера започнаа со тренинзи, останатите денеска. Клубовите најпрво тргнуваат со индивидуални тренинзи за да ги запазат трите фази според донесениот медицински протокол. Во втората фаза клубовите ќе можат да почнат со работа во помали групи, а во последната и со екипни тренинзи.

Фудбалерите ќе мора да се придржуваат до донесените мерки на претпазливост и ќе мора да направат барем два теста за Ковид-19 пред рестартот на сезоната. Институтот за јавно здравје најави дека на Фудбалската федерација на Македонија ќе и донира 400 тестови.

Првата фаза од тестирањет веќе започна, а денеска се тестираа фудбалските клубови Борец и Академија Пандев и тоа со помош на „Синдикатот на фудбалери на Македонија“, кој ги обезбеди тестовите.  Второто тестирањето се очекува да биде  направено пред почетокот на првенството, кое е предвидено да стартува помеѓу 14 и 21 јуни.

Тестирање на Ковид-19 уште минатата недела направи Македонија Ѓорче Петров и ниту еден член на „лавовите“ не беше позитивен.

Иако дел од клубовите беа за целосно прекинување на фудбалската сезона, повеќето прволигаши гласаа за продолжување и тоа по скратен систем без испаѓање. Ќе се доиграат последните четири кола од третиот круг, а потоа првите шест екипи ќе играат плеј-оф, кој ќе се состои од пет кола. Од седмото до 10-тото место ќе играт плеј-аут иако нема да има испаѓање. ФФМ реши целосно да ги прекинине двете Втори лиги и сите пониски натпреварувања во македонскиот фудбал.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ