
Фудбалските надежи ги добија противниците во квалификациите за ЕП
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска ги доби противниците во квалификациите за пласман на Европското првенство кое во 2021 година ќе се одржи во Словенија и Унгарија.
Нашата селекција е во конкуренција со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарски острови.
“Задоволен сум од групата во која се најдовме за пласман на Европското првенство, но истовремено и многу внимателен. Противниците, со исклучок на Шпанија, не се атрактивни, но секако имаат квалитет и ќе ја бараат својата шанса за добар пласман. Шпанија е апсолутен фаворит, со сите други ќе се надигруваме. Треба да бидеме во најдобро наше издание доколку сакаме борба за добар пласман, а тоа секако ќе биде наша цел”, изјави селекторот Добринко Илиевски.
Директно учество на завршницата чиј домаќини се Словенија и Унгарија ќе обезбеди само победникот во групата, а двете најдобро второпласирани од сите девет конкуренции ќе одиграат бараж за пополнување на уште едно место.
Квалификациските натпревари ќе се играат во периодот од март следната година до октомври 2020-та додека термините за баражот се на 5 и 13 октомври следната година.