
Франција со втора победа, Србија пред излез од Европското првенство
На третиот ден од шампионатот фавортите ги оправдаа улогите. Шведска беше убедлива против Србија совладувајќи ја со 30:25, додека Франција го продолжи перфектниот скор против Австрија, победувајќи со 33:26.
Шведска и Србија ги бараа своите први победи по неповолните резултати на отварањето на првенството. Резултатот благо ги фаворизира Швеѓаните, затоа што Србија не беше така инфериорен противник како што сугерира гол разликата. Викинзите перфектно го одиграа првото полувреме и на одмор заминаа со шест голови предност (16-10), но во вториот дел Србите прикажаа далеку подобра игра и ја смалија разликата на три гола, но шведскиот голман Апелгрен не дозволи пресврт. Резултатот ја става Србија на излезната врата во Хрватска а минималната шанса за втората фаза ќе ја бараат преку победата во последното коло од групата против Исланд. 49 процентната реализација на Србија се должи на 19 одбрани на Микел Апелгрен, Албер Лагергрин со пет гола беше најефикасен кај Шведска додека кај Србија исто толку голови постигна Немања Илиќ.
Помалку атрактивен натпревар се одигра во Затика арената во Пореч, каде Французите како тежок фаворит во текот на целиот меч ја имаа контролата на резултатот. Никола Карабатиќ не одигра ниту минута на натпреварот во кој најефикасен беше Тимотеј Нгесан со седум голови. Кај Австрија, Роберт Вебер беше прв стрелец со пет гола.
Вечерва во групите А и Б се играат и дуелите меѓу Исланд и Хрватска, во кој домаќинот ќе атакува на втора победа а Норвешка против Белорусија ќе ги бара првите бодови на првенството.