
Елмас за пет години во Наполи ќе инкасира 7,5 милиони евра
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас денеска стави потпис на петгодишен договор со Наполи. Според италијанските медиуми, нашиот интернационалец ќе инкасира 7,5 милиони евра до крајот на договорот.
Утре на прес-конференција ќе биде и официјалното претставување на Елмас. Фудбалерот ја даде и првата изјава за италијанските медиуми.
„Пресреќен сум што ќе играм во Наполи. Ова е мојата голема шанса, предизвик да им покажам на сите колку вредам“, изјави нашиот репрезентативец за „Кориере дело спорт“.
Елмас стана најскапиот македонски фудбалер во историјата, откако Наполи се согласи да му плати 16 милиони евра, плус бонуси, на фенербахче. Елмас вчера успешно ги мина медицинските прегледи во Рим и вечерта му се приклучи на тимот во тренинг кампот на подготовките за новата сезона.
Тој ќе биде вториот
македонски фудбалер во историјата што заиграл за Наполи по Горан Пандев, кој
беше дел од овој тим од 2011 до 2014 година.