ЕХФ го закажа Ф4 турнирот во Келн дури во декември

Ракометниот клуб Вардар ќе биде актуелен европски шампион барем до крајот на оваа година, откако ЕХФ одлучи завршниот турнир од Лигата на шампиони сезонава да се одржи на 28 и 29 декември во „Ланксес“ арената во Келн.

Пандемијата од коронавирусот ги диктира работите во спортот, па така и во ракометот. ЕХФ денеска по втор пат го помести одржувањето на завршниот турнир во лигата на шампионите. Првично, фајн-форот требаше да се одржи на 30 и 31 мај во Келн, но поради коронавирусот, истиот беше поместен за 22 и 23 август. Германските власти во меѓувреме донесоа забрана за јавни собири до 31 август, па ЕХФ мораше да реагира и дополнително да го помести турнирот за последните денови од годинава или 28 и 29 декември.

Засега не е јасно како овој датум ќе влијае на новата сезона, што треба да започне во септември и како истата би се играла ако нема шампион од претходната.

Европската куќа на ракометот на 24 април ќе има Иправен одбор на кој ќе биде одлучено како ќе заврши актуелната сезона, бидејќи засега не се почнати ниту елиминациските натпревари. За потсетување, Вардар, кој е актуелен европски шампион во првата нокаут-рунда треба да ги одмери силите со Пик Сегед.

Постои голема можност ЕХФ да донесе одлука, во Келн да играат најдобрите четири екипи според резултатите во групната фаза, односно двата првопласирани тима од групите „А“ и „Б“ (барселона, псж, кил и веспрем)

ЕХФ нема конечна одлука ниту за останатите завршни турнири, како во женската Лига на шампиони и машкиот ЕХФ Куп.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ