
Челси на „Камп Ноу“ сака да се повтори 2012 година
Барселона и Челси низ годините одиграа неколку фантастично интересни и драматични дуели во нокаут-фазата од Лигата на шампиони. Вечерва на ревашнот на „Камп Ноу“ предноста ја имаат „каталонците“ поради ремито 1-1 од Лондон пред три недели.
Лионел Меси на „Стемфорд бриџ“ конечно го скрши проклетството против „сините“ и вечерва ќе се надева на почнување на нова голгетерска серија против овој тим.
Сепак последен пат кога се сретнаа овие двеекипи во елиминациите во 2012 година во рамки на полуфиналето Челси беше тимот кој мина во финалето, а потоа и го освои трофејот и тоа откако сите веќе го отпишаа. Така е и овој пат, момците на Антонио Конте не се во некоја блескава форма, но дефинитивно имаат квалитет да ја изненадат Барселона.
Впрочем овој тим е еден од ретките кој има позитивен скор во меѓусебните дуели со шпанскиот гигант, четири победи, шест ремија и три порази.
На вториот вечерашен натпревар нема речиси никаква неизвесност. Бешикташ го пречекува Баерн Минхен во Истанбул со негатива од 5-0 од првиот натпревар. Турците имаат невозможна мисија пред себе за да ги елиминираат „баварците“, а впрочем и ниту еден тим во историјата на Лигата на шампиони никогаш не се вратил од негатива од пет голови. Ждпреката за четвртфиналните двојки е во петок.