
Брестовац: Сакаме позитивен резултат со Нексе, а Кузмановски згреши што си замина
Металург во недела го игра првиот натпревар на домашен терен во СЕХА-лигата и тоа против Нексе. По двата порази на стартот од фаворитите Вардар и Брест Мешков, македонскиот вицепрвак сака пред домашната публика да се претстави со позитивен резултат. Повредите и заминувањата му прават проблем на тренерот Данило Брестовац, но ракометарите кои се тука се подготвени за предизвикот.
„Одигравме два меча со Вардар и Мешков Брест. Објективно посилни екипи од нас и со поголем буџет. Доцна се вративме од патувањето во Белорусија и имаме уште подготовка за Нексе. Имаме три тренинзи и видео сеанси. Утре од првиот тренинг почнуваме со подготовки. Се надевам дека ќе најдеме сили заедно со помош на навивачите да дојдеме до успех и ќе се обидеме да се избориме за победа на домашен терен. Имам многу предуслови за да се добие еден натпревар. Јас не се согласувам дека Брест не надигра. Ние промашивме. Шилегов два од крило, Лазаревски од пивот, Јагањац после еден на еден. Може да биде замор, може да биде искуството. Може само да погодувам и јас. Бевме подобри во однос на првиот меч. Играме со физички посилни од нас. Кога ќе видам ми пречи само физичкиот изглед на играчите. Имаше ситуации каде не бевме заштитени. Не сакам да се жалам. Ракометот е и физичка игра и ако си малку послаб се чувствува. Моите играчи повеќе се трошат. Мешков има буџет од 5 милиони евра и 24 играчи под договор. Повеќе влагегуваа во ротација, повеќе беа свежи и повеќе не удираа. Ако реализиравме не велам дека ќе ги победевме, но ќе бевме многу близу со резултатот“, вели Брестовац.
„Во фаза на подготовка сме за средбата против Нексе. Можеме да се надеваме на позитивен резултат. Ова ни е прв меч на домашен терен. Очекувам силна поддршка од навивачите. Нексе не е екипа на потценување. Не се со огромен буџет, но економично ги трошат парите на засилувања за играчи кои не се со звучни имиња, но се квалитетни. Го совладаа ППД Загреб, а можеме да се надеваме на позитивен резултат во 1. коло“, изјави пикерот Милан Лазаревски.
Капитенот Филип Кузмановски спогодбено го раскина договорот со Металург и од денеска официјално е ракометар на Еурофарм Работник. Тренерот Данило Брестовац даде кратко негово мислење за потегот на македонскиот репрезентативец.
„Тој се договори со клубот, неговиот договор е раскинат, на обострано задоволство и сега јас ја почитувам неговата одлука и одлуката на клубот и не би имал што повеќе да кажам. Додека сум јас тука, ние еднаш разговаравме, ми ја објасни состојбата. Јас го подржувам, слободно може да си оди, а јас можам само да прокоментирам дали оваа одлука е добра за него или не…
Искрено мое мислење е дека одлуката на Кузмановски не е добра за него. Затоа што тука има минутажа. Јас како Македонец го гледам ова од друг агол. Јас сакам тој да го покаже најдоброто светло на Светското првенство во Германија. Сакам да отиде таму максимално подготвен. Мислам дека вака ќе му биде тешко и ќе има недостиг на квалитетни натпревар. Е сега другата страна не сакам да ја коментирам. Во однос на спортскиот дел ми е навистина жал што нема да можам да работам со него во наредните 10 месеци. Мене ми е жал што нема да биде од оваа екипа, но тоа е животот, ја почитуваме одлуката, се договори со клубот, подадена е раката и мислам дека се беше фер од двете страни“, заврши Брестовац.