
Барселона исплаќа највисока просечна плата
Барселона и Реал Мадрид го преземаа приматот во сумите што им се исплаќаат на играчите во текот на сезоната. Фудбалерите на двата клуба во просек заработуваат повеќе од кошаркарите во НБА лигата.
Според резултатите што ги објави агенцијата Спортинг интелеџнс, Фудбалскиот клуб Барселона е прва на листата според висината на просечната плата од сите клубови на планетава. Каталонците во просек годишно исплаќаат 13,7 милиони евра по играч што е за скоро три милиони повеќе од вечниот ривал Реал Мадрид додека на третата позиција со 10,3 милиони е НБА тимот Оклахома Тандер.
Меѓу 12-те тима кои исплаќаат највисоки просечни плати покрај двата гиганти од Шпанија се наоѓаат уште Јувентус и Манчестер Јунајтед, а останатите се екипи кои настапуваат во НБА лигата. Ако се земе в предвид просечната годишна плата на играчите на клубовите во националните шампионати најдобро платени се фудбалерите во Премиер лигата со 3,3 милиони пред оние што настапуваат во Шпанија и Италија, а според Спортинг интелиџенс, Македонската лига се наоѓа на 54-тото место со просек од 10 илјади евра.
Според анализата најголем просек на гледачи има на мечевите од НФЛ лигата, следуваат натпреварите во германскиот фудбалски шампионат, а на третото место се дуелите во Англиската премиер лига.