
Ангеловски: Победа за потврда на првото место во групата
Македонската фудбалска репрезентација денеска го одржа последниот тренинг во пресрет на утрешниот последен дуел против Гибралтар во фазата по групи во Лигата на нации.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски против аутсајдерот во групата ќе атакуваат на нова победа во оваа фаза од натпреварувањето со која нашата селекција сигурно ќе биде домаќин во полуфиналето од разигрувањето за пласман на Европското првенство.
“Добро познат ни е стилот на Гибралтар. Претежно се ориентирани во одбраната и ја чекаат својата шанса преку контра. Јас и претходно кажав, не е важно со кого играме, туку за што играме, а тоа е потврда на првото место и домашно полуфинале во плеј-офот. Капитенот Пандев сигурно ќе ни недостасува, но тимот треба да одигра за него. Фаворити сме и иако можеби на некои мечеви не играме според посакуваното, но во второто полвуреме влегуваме подобро и победуваме. Би сакал Гибралтар да го „отвориме“ уште на почеток. Нема потреба од никаква нервоза, за да одиграме квалитетно мора да бидеме агресивни уште од почеток. Воопшто не размислувам на плеј-офот и неговиот противник, само на претстојниот натпревар”, изјави селекторот Ангеловски.
Мечот против Гибралтар се игра на арената Филип Втори и почнува во 20 часот и 45 минути.