
Ангеловски: Офанзивно до поволен резултат и да го потврдиме квалитетот на овој тим
Македонската фудбалска селекција денеска го одржа последниот тренинг пред одигрувањето на дуелот од квалификациите за пласман на Европското првенство против селекцијата на Полска.
Во Скопје ни доаѓа еден од фаворитите за највисок пласман во групата, но предводникот на националниот тим Игор Ангеловски најавува дека ќе играме офанзивно и дека ова е одлична шанса да се потврди квалитетот на оваа селекција.
“Ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат против еден квалитетен противник. Среќен сум што повредите нè одминаа. Дел од оние кои се враќаат од повредите направиja сè што можат да се вратат и да играат на овие натпревари. Тоа покажува какви личности имаме во тимот и тоа може само да ме радува. Ќе играме максимално офанзивно и одговорно и нема да менувам ништо од мојата филозофија. Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме”, истакна селекторот Ангеловски.
Натпреварот се игра утре на арената Тодор Проевски и почнува во 20 часот и 45 минути.