
Ангеловски: Одиме кон реализација на конечната цел, пласман на ЕП
По триумфот над Лихтенштајн од 4:0, македонската фудбалска репрезентација го исполни првиот дел од планот во настапите во Лигата на нации. Освоено е првото место во групата кое ни носи пласман во повисок ранг, а воедно и влеговме во баражот за учество на Европското првенство кое ќе се одржи во 2020 година.
“Кога ќе ја исполните целта, секако дека мисијата можеме да ја прогласиме за успешна. Сега имаме кон реализацијата на конечната цел – да одиме на Европско првенство. Ќе играме на домашен терен во полуфиналето, би посакал на сите да ни се оствари таа желба, Македонија да игра на ЕП. Честитките секако одат на адреса на фудбалерите кои на овој меч, а и во текот на целиот циклус од Лигата на нации одиграа на потребното ниво. Морам да му се заблагодарам јавно на капитенот Горан Пандев за сето она што го прави, и би сакал да заздрават сите, и Дарко Велкоски, и Стефан Спировски, и Марјан Радески, и да бидеме комплетни за полуфиналниот предизвик. Сега ќе се фокусираме на ждребот и на квалификациите за ЕП. Тоа е втората можност за да ја оствариме целта и секако гледаме и на неа максимално сериозно”, изјави селекторот на националниот тим Игор Ангеловски.