
Амандманите преведени, седницата незакажана
Собраниските служби ги преведоа на албански јазик сите 35 илјади 569 амандмани, што опозициската ВМРО ДПМНЕ ги поднесе на текстот на Законот за јазиците. Со тоа, исполнет е еден од условите оваа точка да биде отворена на пленарна седница. Но, во агендата на Собранието, за оваа недела нема закажано ниту нова седница ниту продолжение на претходната. Минатата недела, Законот за јазиците беше прескокнат со објаснување дека не се создадени деловнички можности. Според Деловникот, пратениците треба да го разгледаат Законот најдоцна 30 дена по првото донесување. Тој рок истекува во петок, на 9-ти февруари
„Ако Претседателот одлучи да не го потпише указот, Собранието повторно го разгледува Законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на Законот. По повторното разгледување, амандмани може да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот, се вели во Членот 173 од Деловникот на Собранието“
Од кабинетот на Џафери велат дека сега амандманите се средуваат и групираат. Нема информација кога и дали воопшто ќе се разгледуваат на седница. Самиот тој а и дел од експертите отворија дилема дали во оваа фаза треба да се разгледуваат амандмани, чие прифаќање, теоретски, би значело менување на Законот, односно нов текст на Закон што претседателот повторно би можел да не го потпишува. Истовремено, од ВМРО ДПМНЕ нема сигнали дека би можеле да се повлечат – уверени се дека амандманите се дозволени и се однесуваат на 19-те члена, на кои има забелешки и претседателот Иванов. Од технички аспект, овие две недели тешко дека ќе може да се обезбеди кворум: дел од пратениците се на Молитвен појадок во Вашингтон, дел од нив се пакуваат за Лондон, а повеќемина се на други службени патувања и семинари.
Соња Николовска