Адуриз ја заврши кариерата: Мора да го оперира колкот
Напаѓачот на Атлетик Билбао, Ариц Адуриз денеска објави дека официјално се пензионира од фудбалот.
Ветеранот, кој и на 39 години играше одлично за Баскијците нема да ја заврши сезоната во Ла Лига, поради здравствени причини. Голгетерот има проблеми со колкот и што е можно побрзо мора да замине на операција за вградување на протеза за да може нормално да се движи.
Ова е тажен крај на една блескава и долга кариера. Адуриз се надеваше дека ќе може да се пензионира по финалето во шпанскиот Куп, бидејќи неговиот Атлетик требаше да игра со Реал Сосиедад, но истото беше одложено поради коронавирусот.
Напаѓачот во три наврати го носеше дресот на Атлетик, а играше и за Валјадолид, Мајорка и Валенсија. За шпанската репрезентација одигра 13 натпревари и постигна два гола.