
Вечното дерби без голови: Пелистер се одбрани против Вардар
Фаворитите Шкендија и Вардар денеска не ги оправдаа епитетите против Скопје, односно Пелистер, откако и двата тима одиграа реми без голови.
На вечното македонско дерби во Битола, „црвено-црните“ доминираа, имаа иницијатива и шанси, но никако не можеа да ја сместат топката во мрежата на битолчани. Најблиску до гол беше Максим Максимов, кој ја погоди стативата во 67-тата минута, а одлична шанса за гол имаше и Тигран барсегјан во 94-тата минута, но голманот на Пелистер Илче Петровски одлично одбрани.
Пред последниот свиреж на главниот судија Фатон Мустафи фудбалерите на двете екипи влегоа во физичка пресметка, но за среќа страстите брзо се смирија, а во теренот успеа да влезе и еден навивач на домашниот тим.
Скопје продолжува да импресионира оваа пролет и по седум натпревари не знае за пораз. Денеска и се спротивстави на Шкендија со 0-0, па ако продолжи во ваков стил има добри шанси да избори опстанок.
Работнички ремизираше 1-1 со Академија Пандев, Силекс со минимални 1-0 беше подобар од Победа, а Ренова со 3-1 го совлада тимот на Шкупи.
Шкендија ја задржа предноста од 16 бодови на врвот на табелата во однос на второпласираниот Вардар. Силекс е трет со 39 бодови, а потоа следуваат Академија Пандев, Работнички, Шкупи и Ренова кои ги делат само два бода. Во опасната зона се Победа, Пелистер и Скопје.