
Некои Американци го послушаа советот на Трамп дека средствата за дезинфекција помагаат против коронавирусот
На рафтовите во американските супер маркети веќе нема средства за дезинфекција. Среде корона кризата, зголемена е побарувачката на дезифициенси за работни површини, простории, прибор за јадење. Но, центрите за контрола на отрови во Америка се преплавени со повици за нивно користење.
Се почна со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кога предложи дека можеби овие средства треба да се вбризгуваат во човечкото тело како лек проитв корона вирусот.
По ова, бројот на телефонски повици во њујоршкиот оддел за здравје и ментална хигиена е зголемен двојно, споредено со истиот период лани. На пример, минатата година, ова време, имало само 13 јавувања, но ниту едно не било поврзано со средствата за дезинфекција. Сега, податоците покажуваат дека за половина ден, 30 луѓе се јавиле за да прашаат за употребата на средствата за дезинфекција, средствата за белење и детергетните.
И центарот за контрола на отрови и компаниите кои произведувааат дезифициенси ги предупредија луѓето, во никој случај да не се внесуваат во организмот:
„Мора да биде јасно дека под никакви околности не треба да се внесуваат средства за дезинфекција во човечкото тело. Ниту со инјекција, ниту со голтање, ниту на било кој начин.“
Во одделот за јавно здравје во Илиноис, пак, се јавиле луѓе кои користеле детергент за да испираат синуси и луѓе кои правеле гргара со раствор на средство за белење и вода. И од таму предупредија дека внесувањето вакви средства во организмот е опасно и може да доведе до смрт.
Во меѓувреме, американскиот претседател Трамп кој прво се оправда дека изјавата била сарказам, а на прес-конференција подоцна одби да одговара на новинарски прашања, синоќа на Твитер напиша дека прес-конференциите не вредат ни време ни труд.
„Која е целта на прес-конференции во Белата куќа кога медиумите поставуваат непријателски прашања и потоа одбиваат да известуваат вистиниото и точно“, напиша Трамп на Твитер.
Соединетите држави имаат најмногу заразени од корона вирус во светот, речиси милион луѓе. Од почетокот на пандемијата таму починаа повеќе од 54 илјади луѓе.
Марија Дивитарова