
РФМ ја поништува сезоната во сите конкуренции: Нема шампиони и нема испаѓање
Во Македонија ќе има вонредна состојба уште дополнителни 30 дена, што значи дека спортот не може да се врати пред месец јуни. Поради тоа, Ракометната федерација на Македонија ќе го поништи актуелното првенство во сите конкуренции. Нема да има шампиони во првенството и купот, ниту испаѓање, а дополнително ќе бидат одредени тимовите кои ќе настапуваат во европските натпреварувања.
Од македонската куќа на ракометот велат дека поради моменталната ситуација со коронавирусот и вонредната состојба во државата, нема услови за регуларно завршување на домашните првенства. Тие се повикуваат и на насоките од ЕХФ, домашните првенства да бидат завршени до 30 мај годинава, бидејќи до тогаш истекуваат актуелните договори на ракометарите. Предлогот за поништување на актуелната сезона 2019/2020 ќе биде доставен до Управниот одбор, кој ќе треба да го изгласа.
Ова значи дека нема да има прогласување победник во сите конкуренции и во сите категории, како и во Купот на Македонија. Некои земји решија да прогласат победници во своите првенства, но во нашето тоа не беше возможно, особено во машка конкуренција, бидејќи Вардар и Еурофарм Пелистер, како тимови кои настапуваа во Лигата на шампиони и СЕХА-лигата не играа во домашното првенство. Тие требаше да се приклучат во плеј-офот оваа пролет заедно со најдобрите од Суперлигата во која лидер беше Металург.
Местата за пласман во ЕХФ натпреварувањата и СЕХА-лигата за следната сезона ќе бидат распределени согласно критериуми кои ќе бидат донесени од Иправниот одбор на РФМ.
Следната сезона машката Суперлига ќе биде зголемена на 16 екипи, односно ќе учествуваат десетте тимови од оваа сезона, плус Вардар и Еурофарм Пелистер, како и четири екипи од првата лига, односно двете најдобри екипи од двете групи од оваа сезона.
Првенството ќе биде поделено во две групи од по осум екипи и ќе се игра еднокружен систем од 14 кола, дома-гости. Потоа ќе бидат формирани плеј-оф и плеј-аут групи од по осум екипи. По кои ќе се добијат шампионот и патниците во европа, а во Суперлигата ќе остане само првопласираниот тим во плеј-аутот, додека второпласираниот ќе игра бараж за опстанок со најдобриот од Првата лига. Останатите шест екипи ќе испаднат, бидејќи од сезоната 2021/2022 Суперлигата повторно треба да брои 10 тимови.