Криштопанс и Атман си заминаа од Вардар, Гедбан на лето во Адемар Леон

Ескалираше ситуацијата во таборот на европскиот ракометен шампион Вардар. „Црвено-црниот“ тим денеска официјално загуби тројца ракометари, Даинис Криштопанс, Павел Атман и голманот Калифа Гедбан.

Тешката финансиска состојба во клубот придонесе ракометарите да си ги спакуваат куферите и да побараат друга средина. Најдобриот ракометар на тимот изминативе две сезони Криштопанс сезоната ќе ја заврши во германскиот тим Фуксе Берлин. Летонецот не можеше да ја издржи ситуацијата во Скопје и да ја доигра сезоната по која треба да го облече дресот на ПСЖ. Затоа десниот бек следните неколку месеци ќе ги мине во Бундеслигата, каде играат уште двајца поранешни „вардарци“, Мијајло Марсениќ и Дејан Милосављев.

Павел Атман пак денеска беше промовиран како нов ракометар на Спартак Москва. Исто како и Летонецот, така и Русинот побарал раскин на договорот со Вардар поради неисплатени плати.

Црниот ден за Вардар го комплетира голманот Калифа Гедбан, кој ќе ја заврши сезоната во македонскиот состав, но од лето се сели во шпанскиот тим Адемар Леон.

Да потсетиме, пред извесно време и Данил Шишкарев си договори трансфер во Веспрем, но по завршување на сезоната. Шпекулациите велат дека на излезна врата од „Јане Сандански“ се и Кристијан Дисингер и Сташ Скубе.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ