
Последно првенство за Сораиндо, Гигу и Абало
Француската ракометна репрезентација во изминативе две децении од 21 век освои вкупно 16 трофеи на големите натпреварувања, а три играчи кои изминативе десет години беа дел од националниот тим и се секогаш меѓу најдобрите најавија дека годинава ќе се повлечат од настапите за Триколорите.
Кружниот напаѓач Седрик Сораиндо и крилата Лик Абало и Михаел Гигу посакуваат со уште еден трофеј да ги завршат учествата на континенталните првенства.
“Ова ќе биде моето последно европско првенство. Имав прекрасни моменти во дресот на националниот тим и мислам дека е време да ставам точка во ова поглавје од мојата кариера”, изјави Абало кој има три златни медали на Европските првенства.
Тројцата ракометари посакуваат последните настапи во националниот тим да бидат на Олимписките игри во Токио и да и помогнат на репрезентацијата да освои уште по некој трофеј.
Франција на ова првенство е дел од Д групата и за пласман во следната фаза ќе се бори со селекциите на Норвешка, Португалија и Босна и Херцеговина.