Вардар против Битигхајм по заверка на првото место во групата

Поразот од Мец минатата недела беше мало освестување за ракометарките на Вардар пред најважниот дел од сезоната.

По деветте победи по ред, на гостувањето во Франција „црвено-црните“ го доживеаа првиот сезонски пораз во Лигата на шампиони. Во петок нашиот тим го пречекува Битигхајм во „Јане Сандански“, а влогот е обезбедување на првото место во групата.

На првата меѓусебна пресметка во Германија, „вардарки“ славеа убедлива победа од 38-26, па поради тоа и на овој дуел влегуваат како огромни фаворитки.

„Добро го познаваме противникот. Претходниот натпревар го добивме со голема разлика, иако првиот дел не беше лесен. Треба да играме перфектно за да победиме, и да ја решиме нашата задача во групата. На претходниот натпревар во Мец загубивме само порадите нашите грешки. Ни треба поддршката од трибините од сите, да бидеме сложни сите заедно дури и кога губиме. Треба да го вратиме победничкиот дух и да останеме на првото место”, изјави тренерот Ирина Дибирова.

Со евентуален триумф, Вардар ќе го обезбеди првото место во групата 2 од главната фаза на едно коло до крајот и во нокаут рундата, односно во четвртфиналето ќе игра со четвртопласираниот тим во групата 1. Во последното коло од главната фаза Вардар гостува кај Будуќност.

„ В петок сакаме само да победиме и на тој начин да го решиме првото место во групата. Изгубивме од Мец, поразот дојде во право време, за да не летнеме во облаци и мислам дека загубивме само поради нашите грешки. Тие играа исто како и досега, само ние не бевме на нашето ниво. Со нашата добра енергија, добра одбрана ќе треба да стигнеме до победа. Битигхајм не намачи кај нив во првиот дел и ќе сакаат да не пореметат нашиот ритам“, вели Јованка Радичевиќ.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ