
Пред уставните судии и амнестијата за 27 април
Додека партиите и правниците се препукуваат околу одлуката на шесте уставни судии, да оценуваат дали екс претседателот Иванов пред три години имал законска основа да ги повлече амнестиите, Уставниот суд донесе уште една изненадувачка одлука. На дневен ред во среда ги стави и амнестиите за 27 април. Ќе се оценува уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за помилување, со кои, од затвор се спасија Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и уште неколкумина обвинети за упадот во Собранието. Засега е непознато чија е иницијативата и зошто е ставена на дневен ред токму во овој период.
Партиите се обвинуваат меѓусебе. СДСМ тврдат дека зад ова стои ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ја оживеат аболицијата на Иванов и да ги спасат поранешните функционери. За да ја превенираат одлуката на Уставниот суд, поднесоа барање за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, и ги повикаа опозициските пратеници да го поддржат.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги обвинуваат СДСМ, дека стојат зад одлуката на Уставниот суд. Вели дека целта е, наместо да се зборува за аферите на владата, како „Кеш„, „Рекет„,наместените тендери и набавката на хеликоптери, јавноста повторно да се занимава со одлуките на Иванов.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, ги повика актуелните уставни судии да не потпаѓаат на политички влијанија. Во гостувањето во Топ тема на Телма, рече дека, иницијатива може да поднесе секој, но да и` се даде легитимитет, па уште и да се расправа по неа,може да се сфати како заштита на криминалот.
Уставниот суд ќе го чека автентичното толкување од Собранието, по што ќе ја стави точката на дневен ред. Логиката на шесте уставни судии е дека, еднаш дадена амнестија, не може да биде повлечена. Доколку оценат дека Иванов немал законска основа да ја повлече амнестијата, постапките за 56 поранешни функционери опфатени со предметите на СЈО ќе запрат, а веќе донесените одлуки ќе се поништат.
Далиборка Демјанска Цветановска