МЗТ го реши и Динамик за седма победа во АБА2

МЗТ скопје го запиша седмиот триумф на деветиот натпревар во АБА2-лигата, откако вечерва славеше во Белград кај Динамик со 92-82. „Металците“ имаа одлична шутерска вечер со погодени 13 тројки од 24 обиди.

Македонскиот шампион уште еднаш покажа дека има квалитет за највисок пласман во второлигашкото јадранско друштво. Вечерва кај силниот Динамик, МЗТ покажа зрелост и благодарение на одличниот шут запиша уште една победа, вкупно седма во сезоната, а втора на гостински паркет.

МЗТ првата четвртина ја доби со минимални 22-21, а на полувремето резултатот гласеше 51-45 за нашиот тим. Кон средината на последниот период, скопскиот тим имаше и највисоки +13 поени, а до крајот знаеше како да ја одржи предноста за конечни 92-82.

Џабари Хиндс беше најдобар кај МЗТ со дабл-дабл со 22 поени и 13 аситенции, Бојан Крстевски постигна 21 поен, додека Дамјан Стојановски имаше 19.

Со оваа победа нашиот тим останува на втората позиција на табелата со седум победи и два порази, една победа помалку од лидерот Борац. Во следното 10.коло, што се игра идната среда, МЗТ го пречекува тимот на Нови Пазар.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ