Обвинителството нема да истражува дали преку ТЕ-ТО се испрани милиони евра

Обвинителството нема да истражува дали преку компанијата ТЕ-ТО се испрани милиони евра.

За акционерите од Топлификација којашто има има должничко-доверителски односи со оваа компанија реагираат дека таквата одлука е скандалозна.

Во меѓувреме, ТЕ-ТО  која произведува електрична енергија од природен гас пред речиси месец дена со одлука на Владата доби државна помош во вид на одложување на обврската за плаќање на милионскиот даночен долг.

Од Обвинителството за организиран криминал за Телма соопштија дека нема простор за истрага за перење пари.

Другите дела коишто се содржат во кривичната пријава ги предаваат до колегите во Јавното обвинителство.

Предметот во останатиот дел од кривичната пријава каде три лица се осомничени дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, а едното од нив, како и правното лице се пријавени и за кривично дело – Лажен стечај од член 254 од Кривичниот законик е доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопјетврдат од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во меѓувреме, Владата се уште нема никаков одговор – за колку време е одложено плаќањето на даночниот долг на ТЕ-ТО и дали има други фирми коишто се во слична ситуација, но за нив нема помош од властите.

Сепак, државната помош која што ја доби компанијата ќе биде разгледана и од страна на Антикорупциска. Акционерите од Топлификација пред два дена доставиле докази до нив.

За случајот ТЕ-ТО, Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за сомнеж за лажен стечај на компанијата за тие да не вратат милионски долгови кон други фирми, како и злоупотреба на службена положба и овластување.

Клучниот сомнеж е перење пари во Македонија од трансакции за кои во Русија се водат истраги за криминал.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ