Децата од радовишкото село Аликоч цел месец не одат во училиште

Новата учебна година не започна за педесетина ученици од радовишко Аликоч. Речиси цел месец децата од прво до петто одделение не посетуваат настава, бидејќи родителите бараат да се отвори училиште во нивното село, наместо да пешачат до соседното Коџали кое е оддалечено речиси три километри.

Во Аликоч има нов објект изграден пред четири години во кој има клупи и столчиња, но нема тоалети. Тие велат дека доколку не се приспособи објектот и не се донесе наставник во селото, децата нема да ги пуштат на училиште.

Фазли Зубери има прваче кое се’ уште не седна во училишна клупа. Но тој има и дете во петто одделение и вели дека изминатите години пешачело по дожд и снег со тешките училишни чанти, па затоа решил да ги поддржи соселаните во бојкотот на наставата.

Од општина Радовиш велат дека се запознаени со случајот. Минатата недела неколкупати се сретнале со жителите и разговарале. За проблемот е известено и министерството за образование кое треба да испрати комисија која ќе го оцени објектот и доколку има согласност, ќе треба да се распише оглас за нови вработувања. Сепак, градоначалникот апелира дека децата во меѓувреме мора да посетуваат настава, бидејќи родителите се соочуваат со казни.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ