
Ангеловски го соопшти списокот за мечевите со Израел и Летонија
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација го соопшти списокот на фудбалери кои ќе бидат во конкуренција за претстојните квалификациски дуели со Израел и Летонија.
На списокот ги нема повредениот Стефан Ристовски, Ферхан Хасани, кој се уште нема ангажман додека Дарко Чурлинов ќе биде дел од селекцијата до 21 година која исто така почнува со квалификациите за настап на Европскиот шампионат.
Во репрезентацијата се враќаат Иван Тричковски и Стефан Спировски кои ги санираа повредите, а повратник во националниот тим е и Љупчо Дориев.
“На списокот нема поголеми промени, главно ова се фудбалерите кои од почеток на квалификациите се во тимот. Стефан Ристовски поради повреда не е во комбинација за настап, додека Ферхан Хасани се уште го нема решено прашањето околу евентуално нов клуб. Во интерес на македонскиот фудбал решивме дека во овој момент Дарко Чурлинов е подобро да биде со селекцијата до 21 години, но секако и во иднина ќе сметам на него. Шанса за настап ќе бара и дебитантот Влатко Стојановски, кој беше најдобар стрелец лани во нашата лига. Се враќаат и Тричковски и Спировски, со нас ќе биде и Дориев кој во неколку наврати и претходно беше повикуван. Собирот е во понеделник, Пандев, Несторовски, Димитриевски, Трајковски и Тричковски поради клупски настапи ќе се приклучат директно во Ашдот во нашата база во Израел. Имаме краток временски период, но долго време сме заедно и мислам дека имаме доволно време да подготвиме против игра за нашиот прв противник Израел, селекција која има доста промени во однос на претходниот меч кој го одигравме со нив”, истакна селекторот Ангеловски.
Предводникот на националниот тим посакува добри резултати на двете гостувања и потенцираше дека би бил задоволен ако се освојат најмалку три бода.
“Би бил задоволен ако бидеме на нивото на сите претходни натпревари, освен на оној со Австрија. Би било одлично ако од двата меча освоиме над три бода. Три бода е добро, но не би бил задоволен ако освоиме помалку од три бода, заврши предводникот на македонската репрезентација”, рече Ангеловски.
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дејан Илиев (Серед, Словачка), Дамјан Шишковски (Работнички);
Одбрана: Висар Муслиу (МОЛ Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Езџан Алиоски (Лидс Јунајтед, Ангелија);
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (МОЛ Фехервар, Унгарија), Стефан Спировски (Ференцварош, Унгарија), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Кире Маркоски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Марјан Радески (Шкендија), Љупчо Дориев (Академија Пандев);
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сарајево, БиХ), Влатко Стојановски (Олимпик Ним, Франција);
Собирот на репрезентацијата е закажан за 2. септември (понеделник) во 12:00 часот во х. „Парк“ во Скопје.