
Михајловски за Телма: Вардар ќе има нови финансиери до почетокот на Ф4 во Келн
Нема да има црни сценарија за ракометниот клуб Вардар. Најтрофејниот ракометен колектив ќе опстои и во иднина, уверува почесниот претседател на клубот Михајло Михајловски.
Поранешниот прв човек на „црвено-црните“ за телевизија Телма потврди дека до почетокот на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампиони сите детали околу новото финансирање на клубот ќе бидат разрешени и обелоденети. Клубот ќе опстои и во следната сезона ќе има конкурентен тим во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.
Михајловски вели дека моментално е во завршни разговори со неколку компании кои ќе финансираат во клубот, но исто така потврди дека тој нема намера да биде дел од сопственичката структура. Сергеј Самсоненко треба да остане финансиер на клубот со помош на други компании, но и од институциите.
„Сергеј направи многу за Вардар. Тој ќе го заврши својот дел околу долговите. За мене најважно е Вардар да се спаси. Им дадовме уверување на ракометарите и дека тие треба да се фокусираат на турнирот во Келн. Нема да има никакви црни сценарија и Вардар повторно ќе биде силен. Јас го сакам Вардар и правам напори да обезбедам нови финансиери во клубот. Сергеј ќе остане во клубот, а јас веќе имам ветувања од неколку компании дека ќе го спонзорираат клубот. Разговараме и со институциите и верувам дека до почетокот на Ф4 турнирот во ЛШ во Келн сите работи ќе бидат завршени“, вели поранешниот финасиер на Вардар и сегашен почесен претседател Михајловски.
Двајцата изминатиот викенд имале состанок со ракометарите и им било соопштено дека клубот сака да ги задржи сите оние кои немаат потпишано договори со други екипи. Засега е потврдено само заминувањето на Игор Карачиќ, Рожерио Мораеш и Даинис Криштопанс. Останатите играчи кои се дел од клубот исто така биле расположени да останат во Вардар доколку се решат финансиите.
Амбициите на Вардар и следната сезона ќе останат високи, а тие се освојување на домашните титули, СЕХА-лигата и секако пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите. Веќе се прават и планови за играчкиот кадар. Неколку македонски засилувања од репрезентативен калибар, но и добри замени за оние ракометари кои си заминуваат.