Ракометарите на Вардар повторно меѓу четирите најдобри

Македонскиот првак Вардар по трет пат едно по друго е дел од европската ракометна клупска елита и ќе има шанса да се бори за уште еден трофеј во Лигата на шампионите.

Нашите ракометари денеска во Сегедин доживеаа пораз од Пик Сегед со 29:25, но и тоа беше доволно избраниците на тренерот Роберто Гарсија Парондо да се пласираат на завршниот турнир во Келн.

Вардар беше рамноправен противник на стартот од натпреварот, но од десеттата минута Пик Сегед почна да ја зголемува предноста и на одмор замина со водство од 17:9 со што ја анулира предноста на нашиот првак од првиот меч во Скопје.

Во седмата минута од второто полувреме Унгарците поведоа и со 23:14, но од тој момент нашите ракометари почнаа да играат во својот препознатлив ритам и со серија од 6:0 стигнаа до негатива од два погодоци и најавија дека нема да дозволат сензација и противникот да ја надмине предноста од натпреварот во Јане Сандански.

До крајот на дуелот “црвено-црните” го спречуваа секој обид на домаќинот повторно да се врати во игра и на крајот сосема заслужено изборија резултат што ги носи на уште Фајна фор во Келн.

Најефикасен во составот на Вардар со осум гола беше Игор Карачиќ, Даинис Кристопанс постигна пет, а четири пати прецизен беше Тимур Дибиров.

Нашите ракометари утре се враќаат во Скопје, а во вторник е жрепката за полуфиналните дуели на завршниот турнир што ќе се одржи на први и втори следниот месец.

Покрај Вардар во завршната битка за титулата влегуваат Киелце, Барселона и Веспрем.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ