
Ахмети ги повика поддржувачите на ДУИ да обезбедат цензус и да гласаат за Пендаровски
Со повик до 150.000 поддржувачи на ДУИ да го поддржат концептот на консезуланост и да гласаат за Стево Пендаровски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но и собранискиот спикер, Талат Џафери, се обратија вечерва пред преполната сала на Филхармонија во Скопје. Пречекан со овации и аплауз, Ахмети им порала на поддржувачите на ДУИ на 5 мај да се обезбеди цензус.
„Да ги тргнеме емоциите на страна и да размислуваме реално. А тоа значи сите заедно како што досега работевме за граѓаните и овој пат да покажеме дека ДУИ е силно и сите заедно на 5 мај да излеземе на избори и да го поддржиме Стево Пендаровски и да обезбедиме цензус… Ако во почетокот бев скептик дека концептот ќе го поддржат Албанците сега сум сигурен дека на гласачите им е појасно што значи тоа. ДУИ има од 100 до 150 000 гласачи и јас сум сигурен дека сите до еден ја разбрале идејата и ќе дадат поддршка на консензуалниот кандидат“, рече Али Ахмети.
Ахмети притоа рече дека консензуланиот кандидат е договорен и преговаран, затоа што тоа е е од интерес не само на Македонците, туку и на Албанците, треба да се поддржи тој концепт. Тој потсети притоа дека претседателот на Собранието, Џафери беше избран консензуално и оти концептот на консензуланост почна да се применува институционално почнувајќи од Собранието.
Ахмети бо обраќањето рече дека Албанците сонуваат претседателот на државата да биде Албанец велејќи дека не е невозможно тоа да се исполни, но не сега. Ахмети притоа рече дека Џафери не претендира сега да стане претседател, доколку има бојкот на изборите.
„Ве уверувам дека таа идеја ќе биде реалност еден ден и затоа ние сега во овој момент треба да го поддржиме Стево Пендаровски и да бидеме свесни дека не е невозможно еден ден Албанец да биде претседател на државата“, рече Али Ахмети.
Повик за имање ценузс стига и од претседателот на Собранието, Џафери, кој на присутните поддржувачи на ДУИ им порача дека цензусот е битен, а не бојкотот. Џафери идејата за конзензуален кандидат рече дека е обезбедување на исполнување на Охридскиот договор и функционални институции кои ќе работат за граѓаните нивните интереси.
И Ахмети и Џафери гласањето на изборите го поврзаа со НАТО и со ЕУ, велејќи дека гласањето на 5 мај е гласање на датум за преговори со Унијата.
Тамара Грнчароска