
Градското дерби за Вардар
Во дербито од четвртото коло во ракометната Супер лига, Вардар пред своите навивачи го совлада Металург со 32:31и ја забележа третата победа во досегашниот тек од шампионатот.
Во израмнет натпревар во кој двата тима постојано се менуваа во водство, а ниту еден немаше поголема предност од три гола на крајот “црвено-црните” успеаа да стигнат до бодовите и ја продолжија серијата победи во домашното првенство.
Почетокот на дуелот му припадна на Вардар, кој во еден момент поведе со 7:4, а во продолжение откако двата тима беа израмнети во финишот Металург успеа да стигне до предност од три погодоци и на одмор замина со водство од 18:15.
Во второто полувреме повторно двата тима се менуваа во водство, а во финишот тимот од Автокоманда имаше предност од 31:30, но сепак на крајот Вардар успеа да стигне до победа иако Металург го имаше последниот напад за израмнување.
Најефикасен во редовите на Вардар со осум погодоци беше Кисељев додека Стоилов пет пати се запиша во листата на стрелците. На спротивната страна Шилегов постигна осум, а Шпенде четири гола.