Антикорупциска утврди дека исплатата на пари на лозарите е незаконска  

Исплатата на пари на лозарите е незаконска, констатира Антикорупциската комисија. Усвоен е приговорот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ против Агенцијата за подршка во земјоделството, со образложение дека парите се исплатени во изборен процес што може да се сфати како поткуп на гласачите.

На сметките на лозарите легнале над еден милион евра за откуп на винско грозје. Со ова е прекршен Изборниот законик а антикорупционерите ќе иницираат постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.

По допрен глас ќе се поведе и постапка за исплата на 27 милиони евра за субвенции на тутунарите .

Антикорупциска делумно  прифати уште два приговора на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе се поднесат прекршочни пријави против градоначалниците на Штип и на Гази Баба. Бочварски донел одлука за дистрибуција на дрва за социјално загрозени семејства откако изборите биле распишани, додека општината Гази Баба го нарушила изборниот процес распишувајќи оглас за ангажирање на агенција за обезбедување на 11 училишта и две градинки и ослободување од плаќање на родителите.

Антикорупциска утврди дека иако за оваа намена биле предвидени средства во годишниот план спорно е соопштението објавено од општината .

Антикорупциска по допрен глас ќе поведе и постапка против раководителот на ЈП Водовод и канализизација Јово Темелковски затоа што на 16 април се појавил на работното место со маичка од претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ