
Пендаровски со 2,6 проценти водство пред Силјановска, новиот Претседател ќе биде познат по вториот круг
Доколку утре се одржат претседателските избори, за кандидатот на СДСМ, кој е поддржан и од ДУИ, Стево Пендаровски би гласале 25% од граѓаните, покажуваат резултатите од анкетата на јавното мислење која ја спроведе агенцијата М-Проспект.
Пендаровски има предност од 2,6 отсто во однос на кандидатот на ВМРО –ДПМНЕ, Гордана Силјановска, за која се определиле 22,4% од гласачите.
Пендаровски и Силјановска имаат значителна предност пред кандидатот на Алијанска за албанцијата, Блерим Река, за кого се изјасниле 10,9% од анкетираните. Ова се резултатите од анкетата на јавното мислење кое ја спроведе агенцијата М-Проспект, пред официјалниот почеток на кампањата.
Можеби клучно влијание врз резултатот од првиот круг на изборите ќе имаат луѓето кои се уште не одлучиле за кого ќе го дадат својот глас, а во оваа анкета таков одговор дале 18,3% од анкетираните , додека за 17,9% ниту еден од тројцата кандидати не е прифатлив.
Интересни се и податоците за тоа како ќе гласаат граѓаните според етничката припадност. Кај Македонците, во водство е Силјановска со 6,1 процентни поени пред Пендаровски, 32,2 наспроти 26,1. Од анкетираните Албанци, 15,2 отсто ќе гласаат за Пендаровски но најголем дел (41,4) се изјасниле за кандидатот Блерим Река.
Во анкетата , иако Пендаровски важи за консензуален кандидат на владеачките СДСМ и ДУИ, за него се изјасниле само 25,7 % од поддржувачите на ДУИ, од кои најголем дел, 57,1 % би гласале за Река.
Доколку овој сооднос на силите се задржи и низ кампањата, реално е да се очекува дека победникот на претседателските избори би бил познат дури по вториот круг.
Победник, според оваа анкета, би бил Пендаровски со 32,5 отсто од гласовите, додека за Силјановска би гласале 26,2 проценти од граѓаните.
Голем број од анкетираните се изјасниле дека не би гласале за ниту еден од овие двајца кандидати во вториот круг додека 14,1 % потврдиле дека се уште не донеле одлука за кого да го дадат својот глас.
Граѓаните во анкетата се изјаснувале и за тоа колку ги сметаат кандидатите за Претседател за независни, колку се блиски до народот но и за тоа дали ги сметаат кандидатите за чесни.
На ова прашање главните кандидати Пендаровски и Силјановска се речиси изедначени со 22%, но најголем дел од анкетираните – 34,2 отсто сметаат дека ниту еден од кандидатите не е чесен.
Никола Илиевски