
Ботас победник на ГН на Австралија
На стартот од сезоната во Формула 1 шампионатот доминација на возачите на Мерцедес кои ги освоија првите две места на подиумот. Финецот Валтери Ботас триумфираше на трката за Големата награда на Австралија.
Возачот на Мерцедес уште на самиот старт го презеде водството пред тимскиот колега и на првото место се задржа до крајот на трката за да го забележи четвртиот триумф во кариерата.
Бранителот на трофејот Луис Хамилтон го освои второто место и зад победникот заостана скоро 21 секунда, а третата позиција му припадна на Макс Ферстапен на Ред Бул. Зад водечката тројка низ целта минаа Себастијан Фетел и Шарл Леклерк на Ферари, а бодови освоија уште Кевин Магнусен, Нико Хулкенберг, Кими Раиконен, Ленс Строл и Данил Квјат. Дополнителен бод за најбрз круг освои победникот на денешната трка Ботас. Сезоната продолжува за две недели со трката за Големата награда на Бахреин.