Сејдини нов претседател на ФФМ

Муамед Сејдини е избран за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Сејдини на чело на Федерацијата ќе биде до 2021 година. На собранието присуствуваа и претставниците на УЕФА и ФИФА, Давор Шукер и Хајди Беха, а од Агенцијата за млади и спорт беше заменик директорот Газменд Ристеми.

“Со својата професионална активност во фудбалот ќе придонесуваме за јакнењето на заедништвото и меѓусебното почитување. Од сите нас се очекува да создадеме услови за подобрување на атмосферата, условите и амбиентот на фудбалско живеење во нашата држава, чесно и посветено ќе се бориме за тоа.

Оваа Федерација секогаш ќе биде отворена за добри идеи и конструктивни предлози, секогаш ќе биде отворена за луѓе кои посакуваат европски фудбал и во Македонија.

Бидете сигурни дека со сета сила и капацитет ќе се стремиме да ги оствариме целите од Стратегискиот план на Федерацијата, а тоа значи целосна поддршка од ФФМ за Националните селекции, Општинските фудбалски Сојузи, домашното натпреварување, инфраструктурно подобрување и развој на младинскиот фудбал”, изјави Сејдини.

За новиот прв човек на македонскиот фудбал гласаа 82 делегати од вкупно 90 колку што беа присутни на собранието во Охрид. Сејдини во изминатиов период по повлекувањето на Илчо Ѓорѓиоски ја вршеше функцијата вршител на должноста, а од денеска тој и официјално е на чело на македонскиот фудбал.

На денешното собрание беа усвоени и измените на системот на натпреварување во Втората лига и од сезоната 2020/2021 наместо досегашниот формат на две групи, Источна и Западна ќе има едниствена лига.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ