ФИФА најавува 48 учесници на СП во Катар

Светската фудбалска асоцијација е подготвена да го зголеми бројот на учесниците на Мундијалите. Иако постојат неколку пречки сепак предвидувањето дека профитот може да достигне и до 400 милиони долари тие може многу полесно да се надминат.

Иако се уште не е официјално објавен неколку медиуми ја објавија анализата на ФИФА за можноста да се зголеми бројот на учесници на Светските првенства од 32 на 48. Најголемата пречка е од правна природа, а тоа е фактот дека при доделувањето на организацијата на Мундијалот предвидено е на шампионатот да се натпреваруваат репрезентации од 32 земји, а зголемувањето на учесниците значи дека мора од темел да се менува системот на натпреварување, од квалификациите па се до главниот турнир.

Дополнителен проблем е фактот што земјата организатор нема да има доволен број на стадиони за играње на натпреварите, а во анализата се потенцира дека во таква ситуација дел од мечевите да се играат во некоја соседна земја. Во случајот на Катар тоа практично е невозможно со оглед на фактот дека соседите Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ги прекинаа дипломатски, економски и сообраќајни врски со земјата домаќин останува можноста во организацијата да се вклучат само Кувајт и Оман.

Анализата официјално ќе биде објавена во петок на состанокот на Извршниот комитет на ФИФА што ќе се одржи во Мајами, а конечната одлука треба да се донесе во јуни.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ