Металург поразен на гостувањето во Словачка

Во претпоследниот натпревар од првиот дел од сезоната во СЕХА лигата, ракометарите на Металург забележаа убедлив пораз во соочувањето со Татран Прешов.

Словачкиот првак триумфираше со 30:20 и ги задржа теоретските шанси за пласман на завршниот турнир.

Македонскиот видепрвак беше рамноправен противник во поголемиот дел од првото полувреме кога Татран Прешов немаше поголема предност од два гола. Во завршниот дел Словаците стигнаа до водство од 14:10,а на одмор заминаа со предност од 15:11.

Во продолжението од натпреварот Татран направи серија за водство од осум гола разлика, а единствен пат имаше двоцифрена предност во последните моменти од мечот кога поведе со 30:20 што воедно беше и конечен резултат.

Најефикасен во победничкиот тим со седум гола беше Јакуб Хрстка, а двајцата голмани Марио Цвитановиќ и Игор Чуприна заедно имаа 18 интервенции.

Во редовите на нашиот вицепрвак по четири пати прецизни беа Димитар Димитриоски и Анте Токиќ, а чуварите на мрежата Мартин Томовски и Даниел Дупјачанец комбинирано имаа 11 одбрани.

Во последниот настап во СЕХА, Металург на 12 март во Скопје ја пречекува Војводина.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ