РФМ и натаму посветен на унапредување на ракометот

На редовното собрание на Ракометната федерација на Македонија се анализираа резултатите на националните тимови во изминативе 12 месеци, а се говореше и за сето она што не очекува во следниот период.

Ракометната федерација на Македонија е подготвена за сите предизвици што ја очекуваат во иднина. И покрај фактот што нашата машка репрезентација не успеа да се пласира во вториот круг на Светското првенство тоа нема да биде причина раководството на куќата на ракометот да се поколеба во намерата да се постигне уште поголем развој во овој спорт.

Машката репрезентација е постојано дел од големите натпреварувања, а федерацијата прави големи напори женскиот национален тим да се врати во елитата и е на најдобар пат тоа да го постигне. Претседателот на федерацијата Мукаетов потенцираше дека изборот на новиот селектор ќе се направи во најкус можен рок, а од него ќе се бара целосна посветеност во ангажманот.

“Моја желба во преговорите за нов селектор е тој да биде професионалец, односно да се фокусира само на репрезентацијата”, истакна првиот човек на РФМ.

Членот на собранието Марјан Начевски даде предлог за развој на ракометот на плажа, спорт кој од 2024-тата ќе биде дел од Олимписките игри и дека ако навреме почнеме со развој може да се очекува нашите тимови да бидат дел од ова натпреварување. Претседателот Мукаетов го прифати барањето и најави дека федерацијата ќе работи на развој и на овој спорт.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ